Skip to main content
Култура

Се одржа „Во чест на поетот“ во НУ ЦК „Ацо Шопов” во Штип

23/04/2026  11:14

Во организација на НУ ЦК „Ацо Шопов” во Спомен собата на установата се одржa манифестацијата „Во чест на поетот”, посветена на Ацо Шопов, по повод 44 години од неговата смрт. Настанот е посветен на животот и творештвото на еден од најзначајните македонски поети и има за цел да придонесе кон негување и афирмација на неговото литературно наследство.

Во рамки на манифестацијата беа доделени признанија за посебен придонес во афирмацијата и популаризацијата на ликот и делото на Ацо Шопов на Божин Павловски, како и на ревијата за литература, култура и уметност „Стожер” при Друштвото на писателите на Македонија.

Ученици од СОУ Гимназија „Славчо Стојменски“ Штип читаа поезија од Шопов, додека академик Божин Павловски говореше за животот, делото и значењето на поетот. За творештвото на Павловски се осврна Блаже Милевски, а главната и одговорна уредничка на ревијата „Стожер“, Марина Мијаковска, зборуваше за триесет годишното постоење на оваа ревија на ДПМ.

Настанот заврши со доделување на признанија за особен придонес во афирмацијата и популаризацијата на ликот и делото на Ацо Шопов.

Проектот е целосно финансиран од македонското Министерството за култура и туризам.