Skip to main content
Македонија

 Се одржа првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион

22/01/2026  15:00

Денес во Битола се одржа првата работна седница на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад (МОУО) за Пелагонискиот и Југозападниот регион, со што започна оперативната фаза и исполнувањето на обврските на регионалниот систем за управување со отпад.

На седницата, на која учествуваа сите 18 градоначалници од двата региони во својство на членови на Одборот, како и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање како и меѓународните партнери, беа разгледани клучните активности што ќе го одбележат периодот што следи и ќе го насочат понатамошниот развој на регионалниот систем.

На состанокот беше истакнато дека воспоставувањето на МОУО е резултат на повеќегодишна координирана работа на општините од двата региона, институциите и меѓународните партнери, и претставува важен чекор кон создавање модерен, ефикасен и одржлив систем за управување со отпад.

Во рамки на седницата беше презентирана и новата веб-платформа „Регион без отпад”, која е во изработка, а која ќе служи како централно место за информации, координација и транспарентна комуникација со јавноста, како и за следење на работата на МОУО и напредокот на регионалниот систем.

Посебен акцент беше ставен на планираните активности за првата половина на 2026 година, меѓу кои се изградбата на претоварни станици и набавка на возила и опрема, изработката на новиот Регионален план за управување со отпад, формирање на регионалното комунално претпријатие, зајакнување на комуникацијата со граѓаните, собирање и управување со податоци за отпадот, како и јасно дефинирање на обврските на општините во процесите.

Членовите на Одборот истакнаа дека наредниот период ќе биде клучен за поставување стабилни основи за функционален систем кој ќе обезбеди подобри и поефикасни услуги за граѓаните, поголема заштита на животната средина и зголемена институционална одговорност.

Со оваа седница, МОУО ја потврди својата улога како клучно тело за координација, планирање и надзор на реформите во управувањето со отпад во двата региони, со јасна заложба за транспарентност, соработка и вклучување на јавноста во процесите што следуваат.

Работата на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад е поддржана од проектот „Одржливо управување со отпад на локално ниво”, финансиран од Шведска и имплементиран од SALAR International, во соработка со општините и националните институции.