
Се обновува неврохируршката служба во градската општа болница „8-ми Септември“ по повеќе години пауза. Денеска успешно се оперирани двајца пациенти со тежок деформитет на ’рбетниот столб и стеноза на спиналниот канал .
Од ,,8-ми Септември” велат дека интервенциите се изведени согласно најсовремените медицински протоколи, а пациентите се во стабилна постоперативна состојба.
ГОБ „8-ми Септември“ посочува дека обновувањето на службата претставува значаен чекор кон унапредување на здравствените услуги и обезбедување континуирана, современа и квалитетна неврохируршка здравствена заштита.
Со повторното активирање на Неврохируршката служба, појаснуваат, пациентите ќе имаат пристап до дијагностика, оперативен третман и постоперативна грижа за широк спектар на неврохируршки состојби, вклучувајќи заболувања на мозокот, ’рбетниот столб и периферниот нервен систем.
– Нашата цел е да обезбедиме безбедна, ефикасна и навремена здравствена услуга, со фокус на добросостојбата и квалитетот на живот на пациентите – велат од болницата.
Истакнуваат дека повторното функционирање на Неврохируршката служба ќе придонесе за намалување на потребата од упатување на пациентите во други здравствени установи, како и за подобрување на достапноста на специјалистичка здравствена заштита во нашата средина.

