
LПочетокот на четиригодишниот мандат на ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво се оцени како период на разочарувања, нечисти општини, урбанистички хаос и раст на трошоците за граѓаните, велат од СДСМ.
„Четири години локална власт на ВМРО-ДПМНЕ се четири години разочарувања за граѓаните. Наместо развој и проекти, донесоа само тендерски скандали и партиски злоупотреби на народните пари“, истакнаа од СДСМ.
Според партијата, низ општините предводени од ВМРО-ДПМНЕ се испумпувале пари преку фирми блиски до власта, додека јавноста добила сведоштва за неприродни тендерски процедури каде што едни исти компании редовно се јавуваат како единствени понудувачи.
„Наместо да се подобри животот на граѓаните, тие воведоа поскапи сметки за вода, канализација и смет, како и повисок данок на промет. Општините Прилеп, Штип, Охрид, Битола, Гевгелија, Велес и други бележат значително поскапување на трошоците за граѓаните“, посочуваат од СДСМ.
Главниот град Скопје, според СДСМ, е симбол на урбана деградација: нечисти улици, хаос во јавниот превоз, нефункционални јавни претпријатија, над 150 незаконски дивоградби и узурпиран јавен простор.
„Клучното ветување за бесплатен градски превоз никогаш не се реализираше. Нема ниту 250 еколошки автобуси, ниту модерен транспорт“, велат од партијата.
СДСМ ја оцени локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ како неспособна, корумпирана и целосно оддалечена од потребите на граѓаните, додека локалните избори ги сметаат за шанса за „враќање на општините во служба на народот“.
„Локалните избори се шанса да се стави крај на четиригодишното разочарување, хаосот, нереализираните ветувања и криминалот“, велат од партијата.