Skip to main content
Македонија

СДСМ: Власта ги партизира институциите со 3000 нови вработувања, тоа е иста пракса од времето на режимот

22/02/2025  11:39

Иста практика од времето на режимот за партизација на институциите, вака СДСМ ја оценува најавата на првиот вицепремиер Изет Меџити за брзо вработување на околу 3000 лица во државната администрација.

„Ова е најголемата отворена најава за партизација на институциите во историјата. Станува збор за класичен партиски клиентелизам – вработување на партиски кадри, луѓе блиски до владејачките партии, без јасни критериуми и без гаранција за квалитет во јавните институции. Ова е истата практика што ја гледавме за време на режимот на Груевски – полнење на администрацијата со партиски послушници, додека компетентните луѓе остануваат без шанса“ изјави портпаролката на СДСМ Богандка Кузеска.

Таа додаде дека премиерот Христијан Мицкоски во целата ситуација стои на страна и молчи и побара реакција од ДКСК и надлежните институции, како и итно запирање на сите моментални процеси на вработувања во државните институции.

Кузеска најави дека СДСМ ќе се спротивстави на ваквите обиди за масовна партизација на институциите.

„Македонија не губи луѓе затоа што нема 3000 работни места во администрацијата, туку затоа што владее корупција, партиски клиентелизам и недостаток на еднакви шанси. Оние што не припаѓаат на владејачките партии остануваат без можности, а професионалците заминуваат затоа што во оваа држава не се вреднува знаењето, туку партиската лојалност.

СДСМ бара:
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) итно да постапи по оваа изјава.
Итно стопирање на сите моментални вработувања во државната администрација.
Целосна истрага за овој скандал од надлежните институции.

Ова не смее да остане неказнето. СДСМ ќе се спротивстави на оваа политика и ќе ја брани праведноста и транспарентноста во институциите. Граѓаните заслужуваат држава во која секој ќе има еднаква можност, а не држава во која работните места се распределуваат според партиски списоци“ порача Кузеска.