Skip to main content
Македонија

СДСМ: Обвинителот Савески да го викне Панче Тошковски да ги достави доказите за „Мазут”

05/06/2026  11:27

Прес конференција на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ – генерален секретар

Се слушна ли Мицкоски со некој обвинител да издиктира некое ново чувство?

Јавниот обвинител Ненад Савески на брифинг со новинари застана зад обвинителката која го запре случајот „Мазут” проценет на 167 милиони евра.

Но, Савески кажа и една многу важна работа, дека „доколку во иднина се појават нови околности или релевантни докази, случајот може повторно да биде активиран„.

Само неколку часа после брифингот на Савески и овие негови изјави, министерот Панче Тошковски, во интревју на телевизија рече дека има докази кои јавноста не ги знае и дека сите ќе бидеме шокирани.

Дали Панче Тошковски е повикан да ги достави овие докази?

Ете го клучот, ете го решението, бараме јавниот обвинител да го повика Панче Тошковски да му ги достави доказите за кои јавно зборува дека ги има.

Така случајот ќе биде повторно активиран.

Бидејќи јавно се кажани двете изјави ќе чекаме да видиме дали Тошковски ќе биде повикан да ги достави доказите и повторно да биде активиран случајот.

Или ќе чека телефонски повик од Мицкоски?

Како тоа се одредува притвор за недокажани 1.800 евра а се прекинува постапка за 167 милиони евра?

Како тоа бодигардот на Мицкоски условно се пушта за претепување а за недокажани 1.800 евра се одредува притвор?

И клучното прашање, дали постои дил меѓу Мицкоски и Асмир Јахоски од Пуцко Петрол?

Во Македонија нема правда туку целосно партизирано судство и обвинителство.

Тоа го констатира и Европскиот парламент во извештај, нема напредок во реформите, особено во владеењето на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата.

И не може да има кога Мицкоски во собраниска говорница и преку медиумите најавува истраги, најавува политички прогон и лично се меша во работата на обвинителството и судството.

Затоа досега за ниту еден криминален тендер и скандали на власта кои ги објави СДСМ нема ништо покренато повеќе од 6 месеци.

Еве му шанса сега на обвинителот Савески, за конкретен предмет, проценет на 167 милиони евра.

Нека го повика Тошковски да ги донесе доказите и случајот Мазут повторно да биде активиран.

Ова ние нема да го заборавиме. По ослободување на заробените институции и враќање на власта во рацете на граѓаните, овој случај повторно ќе биде отворен.