Skip to main content
Македонија

СДСМ низ маркетите: Цените на производите се зголемени, власта не презема ништо додека се гости со папаја

09/03/2025  15:21

Интегрален текст од прес конференција на Лолита Ристова од СДСМ:

Почитувани граѓани, почитувани претставници на медиумите,

СДСМ направи контрола на цените на производите низ маркетите.

Заклучокот е поразителен. Не само што нема намалување на цените туку напротив има и покачување кај голем дел од производите.

Владините политики со замрзнување на маржите немаат никаков ефект.

Нема ниту има робусна ниту жестока контрола како што вчера изјави премиерот Мицкоски. Тоа е една голема лага.

Има само жестоко поскапување на производите кое го плаќаат граѓаните.

Народот има се помалку пари и едвај врзува крај со крај.

Еве каква е реалноста со која се соочуваат граѓаните секој ден по продавниците:

1.   Јајцата се повторно покачени на околу 100 денари, дури има до 140 денари за едно пакување. А беа 75 до 85 денари.

2.   Јогуртот со 3,2% масленост е 72 денари и нагоре.

3.   Млекото е исто така поскапено и се движи од 70 до 80 денари.

4.   Сирењето е поскапено и се продава од 440 до 650 денари

5.   Кашкавалот е луксуз веќе за граѓаните и речиси и да нема под 600 денари

6.   Шеќерот е поскапен, килограм се продава за 57 денари.

И останатите производи се поскапени, грашокот, гравот леќата, се е поскапено а тоа граѓаните го чувствуваат секој ден и го гледаат во продавниците и маркетите.

Ова не е никаква грижа за граѓаните, ова е неспособност, негрижа, ова е одработување за интересот на големите трговци.

Тажна е суровата реалност која секојдневно ја живеат граѓаните.

Додека народот се мачи со високите цени и недоволните плати како да врзат крај со крај, како да го поминат месецот, што ќе имаат на масата семејствата за јадење, Мицкоски и неговата влада се хранат со луксузни храни на грбот на истиот тој народ.

Аспарагус, манго, папаја. Тоа е на менито на Мицкоски и неговите министри. Веќе е објавен оглас за набавка на огромно количество и на морски плодови, месо и риба за потребите на Владата.

Додека народот нема за леб, тие набавуваат октоподи, лигни, школки, ракчиња, микс морски плодови, чаден лосос. Срамно!

Но, апсурдноста да е уште пострашна, замислете, Владата одбива предлог за минимална плата од 500 евра, ама затоа потпишува договори за егзотично овошје, зеленчук, морски плодови, скапи авиони.

Ова е најаздисаната влада досега која воопшто не мисли на граѓаните.