Skip to main content
Македонија

СДСМ: Мицкоски мора да одговара за кражба и измама на граѓаните со кошничките

24/12/2024  13:47

Според СДСМ, новогодишната „кошничка“ на Владата предводена од Христијан Мицкоски претставува целосен дебакл и огромна измама врз граѓаните. Во соопштението на СДСМ се вели дека оваа мерка, наместо да донесе олеснување, ги остави граѓаните во уште потешка ситуација, додека трговците профитираат.

„Мицкоски свесно дозволи трговците да ги качуваат цените со месеци пред воведувањето на мерката. Ова не беше случајност, туку резултат на план кој тој го подготви заедно со трговците,“ се наведува во соопштението.

СДСМ нагласува дека Владата одби да воведе реални мерки како укинување на ДДВ на основни прехранбени производи, кои ќе донесеа вистинско олеснување за граѓаните. Наместо тоа, избра маркетиншки трикови и пропагандни налепници во маркетите, кои, според партијата, служат само за заблуда на народот.

„Додека граѓаните плаќаат високи сметки, министрите од Владата на Мицкоски пред неколку дена излегуваа во маркетите и лажеа дека цените се намалени. Денес се гледа дека тие цени не само што не се намалија, туку драстично се зголемија,“ истакнува СДСМ.

СДСМ повикува на политичка одговорност од Мицкоски, наведувајќи дека најмалку што може да направи е да им се извини на граѓаните за овој „договор“ со трговците кој резултираше со огромна кражба од џебовите на граѓаните.