
Како што се приближуваат локалните избори што ќе се одржат оваа година, 24 Инфо дојде до сознанија од партиски извори за имињата кои во моментов се споменуваат како можни кандидати на партијата СДСМ за неколку клучни општини.
Според информациите, се шпекулира дека Александар Бузлевски е потенцијален кандидат за градоначалник на Ресен, додека Асен Шајн се разгледува како опција за Охрид. За општина Ѓорче Петров, како можен кандидат се споменува Костадин Ацевски, а за Центар, актуелниот градоначалник Горан Герасимовски е еден од најсериозните избори за повторна кандидатура. Во Крушево, се споменува Томе Христоски како можен кандидат, додека во Крива Паланка тоа би можел да биде Сашко Митовски. За општина Чучер-Сандево, се наведува името на Сашко Комненовиќ како можен кандидат.
Паралелно со мерењето на рејтинзите на можните кандидати, СДСМ интензивно работи на изградба на широка коалициска мрежа за претстојните избори. Лидерот на партијата, Венко Филипче, најави дека за секоја општина ќе се води посебна стратегија за коалицирање, а целта е обединување на што поголем број граѓани околу заеднички вредности и политики.
„Во таа смисла, може да поддржиме и независни кандидати, со кои споделуваме еднакви вредности и политики, во кои веруваме и ние и тие, со цел да обединиме што поголем број на луѓе кои би гласале за добри и квалитетни кадри“, изјави Филипче.
Тој најави дека во втората половина на април ќе биде познато и кој ќе биде кандидатот или кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје, за кого веќе се вршат интензивни консултации и мерења на терен.
Како што нагласи Филипче, начелната позиција е дека во секоја општина ќе се креира посебен модел на настап, прилагоден на локалните услови и потреби на граѓаните.
Очекувањата се дека со овие кандидати и стратегијата на пошироко коалицирање, СДСМ ќе се обиде да ја зајакне својата позиција на локално ниво пред еден од клучните изборни циклуси во земјава.