Skip to main content
Македонија

СДСМ: Дали ВМРО-ДПМНЕ го штити директорот на Тораница? Инспекторатот свесно излажал за цијанидот во Крива Река

29/03/2025  13:27


СДСМ денес обвини за сериозно институционално прикривање на една од можеби најголемите еколошки катастрофи во поновата македонска историја, поврзана со излевање на цијанид и тешки метали од рудникот Тораница во Крива Река. Според партијата, постојат сериозни сомнежи дека државниот Инспекторат за животна средина свесно ја дезинформирал јавноста со тврдењето дека „се излеала само вода“, додека независни анализи нарачани од Општина Крива Паланка покажуваат енормно присуство на токсични материи – и до неколку стотици пати над дозволеното.

„Доколку општината не реагираше и не спроведеше независна анализа, јавноста ќе останеше убедена дека нема проблем. А всушност, сме соочени со сериозна опасност по здравјето на граѓаните, водоснабдувањето, земјоделството и животинскиот свет,“ соопшти СДСМ.

Од таму прашуваат – дали некој во државните институции, под влијание на ВМРО-ДПМНЕ, намерно прикрива податоци за хаваријата со цел да ја заштити компанијата Булмак 2016, оператор на рудникот? Според СДСМ, врската е очигледна: директорот на Булмак, Тони Тоневски, е поранешен градоначалник и истакнат кадар на ВМРО-ДПМНЕ.

„Дали ова е причината зошто Инспекторатот одлучи да не ја каже вистината? Дали државата штити бизнис поврзан со партијата, наместо здравјето на граѓаните?“ праша портпаролот на СДСМ.

Сомнежите дополнително ги продлабочува и однесувањето на пратеникот од ДПМНЕ, Емил Спасовски, кој јавно го нападна градоначалникот на Крива Паланка обвинувајќи го дека „шири паника“, и покрај објавените резултати од лабораториските испитувања. СДСМ смета дека со ова Спасовски директно ја минимизирал хаваријата и придонел за дезинформација на јавноста.

Во своето обраќање, СДСМ побара:

Итна и темелна истрага за случајот и кривична одговорност за сите вклучени;

Детално испитување на квалитетот на водите во Пчиња, Вардар и други притоки на Крива Река;

Објавување на сите инспекциски извештаи поврзани со рудникот Тораница;

Оставка од пратеникот Емил Спасовски поради ширење дезинформации;

Одземање на еколошката дозвола на Булмак 2016, поради повторени прекршувања.

„Не е исклучено дека и храната која ја консумираме е веќе под ризик. Се што се наводнува со вода од Вардар, Пчиња и Крива Река – завршува на пазарите низ цела држава. Затоа мора да се постапува веднаш, без политички калкулации,“ велат од СДСМ.

Партијата порача дека нема да дозволи случајот да биде заташкан. „Или ќе има одговорност, или ќе има соучесништво. Трето нема.“ – порачаа од СДСМ.