Skip to main content
Македонија

СДСМ алармира: Итно испитување на сите води од сливот на Крива Река

29/03/2025  15:12

СДСМ денес предупреди на можни сериозни последици по здравјето на граѓаните, поради еколошката катастрофа што се случи во Крива Река, каде според независни анализи, водата е затруена со високи концентрации на цијанид, тешки метали и други опасни материи.

„Сѐ што се продава на пазарите во Скопје, Куманово, Велес, Паланка и другите градови се наводнува од реки како Вардар, Пчиња, Крива Река. Ако оваа вода е загадена, тогаш и храната што ја јадеме можеби е веќе во опасност,“ соопшти СДСМ.
Партијата бара итна реакција од институциите и предупредува дека последиците можат да бидат долгорочни и тешко поправливи – по земјоделските култури, сточниот фонд, подземните води и, најважно, по здравјето на граѓаните.
„Потребна е итна и целосна анализа на сите реки и водни текови поврзани со сливот на Крива Река – од Тораница, преку Пчиња, до Вардар. Сѐ додека не се утврди точната состојба, не можеме да бидеме сигурни дека храната која секојдневно ја консумираме е безбедна,“ велат од СДСМ.

Дополнително, СДСМ посочи дека институциите, особено Инспекторатот за животна средина, не реагирале како што налагаат законите. Наместо да преземат итни мерки и да ги информираат граѓаните, тие дале лажно уверување дека се излеала „само вода“, и тоа без да направат анализа.

„Да не беше реакцијата на општина Крива Паланка и градоначалникот Сашко Митовски, јавноста ќе останеше во заблуда. Благодарение на независните лабораториски анализи, знаеме дека водата е сериозно загадена. Но што ако е веќе предоцна?“

СДСМ истакна дека ова не е само локален проблем – туку прашање од национален интерес. Поради тоа, партијата бара итно испитување на водите во сливот на Крива Река, Пчиња и Вардар и кривична одговорност за сите кои ја прикривале вистината.