
Соединетите Американски Држави јавно потврдија за прв пат дека распоредиле вселенско оружје во Земјината орбита, наведувајќи дека тоа е потребно за заштита на американските сили од непријателски дејствија, објави Би-Би-Си.
Секретарот на американските воздухопловни сили, Трој Минек, на Конференцијата за воздухопловство, вселена и сајбер-простор изјави дека оружјето „во орбитата“ е дел од одговорот на САД на „развојните закани“, но не прецизираше за какви капацитети станува збор или кога оружјето било поставено во орбитата.
Американските воени претставници претходно најавија зајакнување на воените капацитети во вселената, посочувајќи ги руските и кинеските програми насочени кон развој на способноста за напад и блокирање на американските сателити.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека вселенските капацитети, заедно со пресретнувачките ракети, се клучен дел од планираниот систем за воздушна одбрана „Златна купола“, дизајниран да ги заштити САД од ракети и други воздушни закани.
Договорот за вселената од 1967 година забранува поставување оружје за масовно уништување во орбитата, додека САД, Русија и Кина во меѓувреме развија други можности за дејствување против сателитите, вклучително и нивно попречување или уништување.
Американските вселенски сили, најновата гранка на американската војска, беа формирани во 2019 година за заштита на американските средства во вселената, вклучувајќи ги и сателитите што се користат за комуникации и надзор.
Портпаролот на американските вселенски сили изјави дека „контролата на вселената“ вклучува употреба на кинетички и некинетички средства за влијание врз капацитетите на противникот, вклучувајќи нарушување, деградација и, кога е потребно, уништување.
„Овие капацитети можат да се користат за офанзивни и одбранбени цели според упатствата на борбените команди“, додаде портпаролот.
Според американските претставници, два руски сателити на почетокот на февруари веројатно пресретнале комуникации од најмалку десетина европски сателити од почетокот на војната во Украина во 2022 година.
Во 2024 година, САД исто така објавија дека Русија лансирала сателит за кој веруваат дека би можел да нападне други сателити.

