
Касацискиот суд во Франција денеска ја потврди пресудата за незаконско финансирање на кампањата на поранешниот претседател Никола Саркози за реизбор во 2012 година.
Тој ќе отслужи шестмесечна затворска казна, најверојатно со електронска нараквица, јави Ле Монд. Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година, се соочи со обвиненија дека неговата партија работела со фирмата Бигмалион за да ја скрие вистинската цена на кампањата, трошечки речиси 43 милиони евра, двојно повеќе од дозволените 22,5 милиони.
Иако не бил инволвиран во системот на двојно фактурирање, Саркози е одговорен како корисник на незаконските средства. Тој негираше каква било кривична одговорност, нарекувајќи го обвинението „лага“.
