
Во Абу Даби денеска ќе се одржат првите тристрани мировни преговори меѓу Соединетите Американски Држави, Украина и Русија, потврди Кремљ. Средбата следува по разговорите меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски во Давос, како и по состанокот на американска делегација со Владимир Путин во Москва, пренесува Sky News.
Потврдата за руското учество дојде откако Путин во Москва се сретна со мировниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, и со неговиот зет Џаред Кушнер.
Кремљ четиричасовните разговори ги опиша како „исклучително содржајни, конструктивни и искрени, со висок степен на доверливост“, но истовремено изрази сомнеж дека е можен значаен напредок. Во соопштението беше повторено предупредувањето дека нема изгледи за долгорочно решение доколку не се решат територијалните прашања, за кои Москва тврди дека биле отворени на минатогодишниот самит меѓу Трамп и Путин на Алјаска. Русија додаде дека ќе продолжи со воените активности сè додека не се постигне дипломатско решение.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски навести дека трилатералниот состанок бил иницијатива на Вашингтон во последен момент, договорена дури по неговата средба со Трамп во Давос. Киев соопшти дека на преговорите ќе ги испрати главниот преговарач Рустем Умеров и шефот на кабинетот на Зеленски, Кирило Буданов, додека Москва објави дека руската делегација ќе ја предводи адмирал Игор Костјуков.
Иако на состанокот меѓу Трамп и Путин на Алјаска во август не бил постигнат конкретен договор, се верува дека двајцата лидери разговарале за можноста Украина да се откаже од дел од територијата во замена за прекин на конфликтот. Според наводите, рускиот претседател побарал источните региони Донецк и Луганск, вклучувајќи и области што руските сили сè уште не ги контролираат.
Зеленски претходно изјави дека Москва бара и остатокот од Донецк и целата источна област Донбас како дел од планот за прекин на огнот. Тој нагласи дека Киев би го одбил таквиот предлог, бидејќи тоа би ја лишило Украина од клучната одбранбена линија – т.н. „појас на тврдини“, што би ѝ овозможило на Русија понатамошни офанзиви.
