Skip to main content
Балкан

САД издаде безбедносно предупредување за граѓаните поради голем протест во Белград

14/03/2025  09:49

Амбасадата на САД во Белград издаде безбедносно предупредување за американските граѓани во врска со утрешниот протест, на кој може да се соберат стотици илјади луѓе. Во известувањето, кое е објавено на веб-страницата на амбасадата, се препорачува граѓаните да избегнуваат толпи и места за масовни собири.

„Во Белград се очекуваат големи протестни акции со вкупен број учесници кој може да достигне стотици илјади. Протестите би можеле да се прошират во поголем дел од центарот на Белград, особено во областите во близина на државните институции и седиштето на јавниот сервис на РТС“, се наведува во соопштението.

Дополнително, српската полиција предупредува на можен сообраќаен хаос, затворање на јавните служби и сериозни последици врз основните услуги, вклучително и итната медицинска помош. Според информациите, можно е да дојде и до прекини во мобилната телефонија, додека српската влада не ја исклучува можноста за насилство.