Skip to main content
Свет

САД и Саудиска Арабија го нападнаа Ирак

29/07/2026  11:43

Ирачките Народни мобилизациски сили (ПМФ) соопштија дека осум нивни припадници загинале, а четворица биле ранети во заеднички воздушни напади на Саудиска Арабија и на САД врз нивни позиции низ Ирак, пренесува „Ал џезира“.

Саудиска Арабија и Централната команда на САД (ЦЕНТКОМ) рано утринава соопштија дека заедничките воздушни напади биле насочени кон проирански милиции во Ирак, кои, според нив, стојат зад нападите врз американски војници и врз саудиската енергетска инфраструктура.

Министерството за одбрана на Саудиска Арабија во соопштение наведе дека нападите биле изведени „како одговор на неодамнешните напади со беспилотни летала“ и дека саудиската противвоздушна одбрана „пресретнала и уништила повеќе дронови кои се обиделе да погодат нафтени постројки во Источната Провинција и во регионот на Ријад“.

„Кралството нагласува дека не бара ескалација, но ќе одговори на секоја агресија со која ќе се соочи“, се наведува во соопштението.

Во својата реакција, Народните мобилизациски сили – организација на ирачки милиции кои се поддржани, обучувани и лојални на Иран – оценија дека нападите претставуваат „исклучително опасна ескалација“ и кршење на суверенитетот на Ирак и на неговите официјални безбедносни институции.