Skip to main content
Свет

САД ѝ понудија на Украина безбедносни гаранции за 15 години

29/12/2025  16:50

САД ѝ понудија на Украина „цврсти“ безбедносни гаранции за период од 15 години, кои можат да се обноват, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, додавајќи дека побарал од Вашингтон да ги продолжи за 30, 40 или 50 години за време на средбата со американскиот колега Доналд Трамп. „Навистина сакав тие гаранции да бидат подолги. И му кажав (на Трамп) дека всушност сакаме да ја разгледаме можноста за гаранции од 30, 40, 50 години. Тој рече дека ќе размисли за тоа“, рече Зеленски на прес-конференција.

Според него, безбедносните гаранции ќе бидат услов за укинување на вонредната состојба што е во сила во Украина од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година. По вчерашните разговори во Флорида, Трамп истакна дека никогаш не бил поблиску до договор за ставање крај на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна, иако не спомена конкретен напредок. Кремљ, преку портпаролот Дмитриј Песков, истакна дека се согласува со американскиот претседател дека преговорите за завршување на војната се во завршна фаза, а дипломатските напори се интензивни од ноември.

Зеленски не ги прецизираше деталите за гаранциите, но нагласи дека тие содржат елементи претходно дискутирани, вклучително и можност за безбедносен механизам сличен на Член 5 од НАТО, кој предвидува меѓусебна помош во случај на агресија. Украинскиот претседател исто така нагласи дека присуството на „меѓународни сили“ во Украина би било неопходно за вистинска безбедносна гаранција, која ќе ја зајакне довербата кај граѓаните и инвеститорите. Тој додаде дека секој мировен план мора да биде потпишан од Украина, Русија, САД и Европејците, и ја повтори поддршката за одржување референдум во Украина како инструмент со кој нацијата ќе ги прифати предложените мировни услови.