
Дваесет и деветгодишниот руски пливач Николај Свечников исчезна вчера за време на традиционалното годишно пливање преку Босфорскиот теснец, објави Турскиот олимписки комитет (TMOK), организатор на Босфорската интерконтинентална пливачка трка.
Свечников учествуваше на 37-то издание на популарната трка од 6,5 километри, која се смета за особено предизвикувачка поради силните струи што течат низ теснецот помеѓу Азија и Европа. Настанот привлече над 2.800 пливачи од 81 земја.
„Ја проверивме целата патека и откривме дека нема повеќе пливачи во водата. Тесно соработуваме со крајбрежната стража и полицијата за да го расветлиме овој инцидент“, соопштија од TMOK. „Трката завршува два часа откако последниот пливач ќе влезе во водата. На крајот, целата патека беше проверена и беше утврдено дека нема повеќе пливачи во водата“.
За време на трката, сообраќајот на бродови и товар беше прекинат. Босфорот, кој го поврзува Црното Море со Мраморното Море, а преку Дарданелите и со Егејското и Средоземното Море, е важна водна артерија, што дополнително ја отежнува пребарувачката операција.