Skip to main content
Свет

Руската безбедбосна служба го обвини основачот на „Телеграм“, Павел Дуров, за поддршка на терористички активности

29/07/2026  20:10

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска соопшти дека поднела обвинение против основачот на „Телеграм“, Павел Дуров, за поддршка на терористички активности и оти по него е распишана меѓународна потерница.

ФСБ наведе дека обвиненијата се однесуваат на тоа што „Телеграм“ не отстранил материјали „што украинските специјални служби, како и терористички и екстремистички организации, ги користеле за подготовка и координација на саботажи и тероризам, масовни убиства и операции на кибер-измами во Руската Федерација“.

Дуров и компанијата „Телеграм“ не се огласија по обвинувањата.

Шифрираната апликацаја за комуникација „Телеграм“ лансирана во 2013 година, тврди дека има повеќе од една милијарда корисници и е широко користена и во Русија и во Украина.

Русија изминатите години неколкупати се обидуваше да го ограничи користењето на „Телеграм“, промовирајќи ја сопствената државна платформа за размена на пораки „MAX“.

Дуров е роден во Русија, но има пасоши на Обединетите Арапски Емирати и Франција. Тој претходно ја основаше и „VK (VKontakte)“ што е руска верзија на Фејсбук, пред во 2014 година да го продаде својот преостанат удел поради притисок од руските власти.

Француските власти исто така го истражуваат Дуров, поради наводи дека „Телеграм“ не презел доволно мерки за спречување криминални активности на платформата и дека не соработувал доволно со органите за спроведување на законот.

Дуров ги отфрла сите обвинувања.