
Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) поднесе обвинение против основачот на Телеграм, Павел Дуров, и издаде меѓународна потерница по него. Тој е обвинет за олеснување на терористички активности, објави новинската агенција Интерфакс во среда, пренесува Ројтерс .
ФСБ: Десетици илјади злосторства извршени преку Телеграм
Според руските државни медиуми во март, ФСБ тврди дека повеќе од 153.000 злосторства се извршени преку Телеграм од почетокот на војната во Украина. Меѓу нив, велат тие, има околу 33.000 случаи поврзани со саботажа, тероризам и екстремизам, вклучувајќи организирање експлозии, палење во воени канцеларии и убиства.
Државниот весник „Росијскаја газета“, повикувајќи се на материјали од ФСБ, тврди дека благодарение на работата на безбедносните служби, спречени се 475 терористички напади наводно планирани преку Телеграм. Меѓу нив, според истите тврдења, имало 61 планиран напад врз училишта.
Руските власти, исто така, тврдат дека терористичкиот напад врз концертната сала „Крокус Сити Хол“ во март 2024 година бил координиран преку Телеграм. Покрај тоа, тие наведуваат дека преку апликацијата се собрани податоци за руските воени претставници, блогерите и нивните семејства, вклучувајќи информации за нивните движења и секојдневни навики.
Според Москва, регулаторот Роскомнадзор испратил до Телеграм повеќе од 150.000 барања за отстранување на нелегална содржина во последните години, но компанијата наводно ги игнорирала.
Кремљ сака да го замени Телеграм со државна апликација
Да се потсетиме дека руските власти го прогласија Телеграм за закана за националната безбедност уште во февруари. Павел Дуров потоа го обвини Кремљ дека го ограничува пристапот до апликацијата за да ги принуди граѓаните да го користат државниот MAX Messenger, кој Москва го претставува како безбедна домашна алтернатива на Телеграм и WhatsApp.
Во исто време, прекини и забавувања на Телеграм беа регистрирани во неколку руски градови. Според „Киев пост“, руските власти постепено ги насочуваат корисниците кон апликацијата MAX, додека некои руски воени блогери предупредуваат дека станува збор за технички полошо и помалку безбедно решение кое нема енкрипција од крај до крај.
Војниците сè уште користат Телеграм
И покрај ова, Телеграм останува главна алатка за комуникација за руските и украинските војници на фронтот. Некои руски воени блогери тврдат дека војската добива контрадикторни наредби – според некои, војниците мора да го избришат Телеграм и да се префрлат на MAX, додека други наведуваат дека употребата на MAX во борбените зони е забранета поради безбедносни пропусти. Според „Киев пост“, овие тврдења не можеа да бидат независно потврдени.
