Skip to main content
Свет

Русија имплементира сопствен сателитски систем за управување со воени дронови

13/06/2026  08:51

Русија имплементира сопствен сателитски систем за управување со борбени беспилотни летала – изјави рускиот претседател Владимир Путин на средба во Кремљ. Изјавата Путин ја даде за време на средбата со воените лица кои учествуваат во, како што ја нарекуваат во Москва, „специјалната воена операција“ во Украина, а по повод одбележувањето на Денот на Русија.

„Имаме таков систем, тој се појави и веќе се имплементира“, рече Путин во одговор на апелот на еден од војниците да се создаде руски аналог на системот „Старлинк“ (Starlink).

– Прашањето е во проширувањето на мрежата од сателити – посочи рускиот претседател и додаде дека неодамна во орбитата биле лансирани уште 16 сателити, нагласувајќи дека тоа сепак е крајно недоволно. Тој појасни дека проблемот е технолошки и интелектуално решен, но сега се работи на квантитетот на мрежата. Рускиот лидер додаде дека многу активно се работи и на развој на дронови со камери и со вештачка интелигенција.

Во однос на одбраната од непријателските беспилотни летала, Путин призна дека тие создаваат сериозни тешкотии на терен. – Буквално секој божји ден нашите команданти ни кажуваат какви проблеми ни создаваат дроновите и како тие самите гледаат начини за надминување на тој проблем. Знам дека во некои случаи не може да се крене глава бидејќи тие дронови летаат како муви. Тој проблем ни е јасен – рече рускиот претседател.

Тој посочи дека руската економија трпи штети од ударите на украинските вооружени сили, но уверува дека сè брзо се обновува и дека не можат да се соочат со сериозни проблеми. Путин направи и историска паралела, изјавувајќи дека и денес, како и во времето на Наполеон и Хитлер, цела Европа се обединува и притиска против Русија, вклучувајќи ги и своите интелектуални напори. На крајот, тој истакна дека пешадиските и јуришните единици секогаш го даваат клучниот придонес за завршување на секој конфликт и предложи руските јуришни единици да го носат името на загинатите херои од војната во Украина.