Skip to main content
Македонија

Рудник САСА го одбележува Денот на рударите со награди за вработените и донации за локалната заедница

27/08/2025  15:53

По повод 28 август – Денот на македонските рудари и двојниот празник на Македонска Каменица, Рудник САСА продолжи со својата долгогодишна традиција на оддавање признание за трудот и посветеноста на своите вработени, потврдувајќи ја воедно својата заложба за поддршка на напредокот на локалната заедница.

Како дел од активностите по повод празникот, рудникот САСА, преку својата Фондација, обезбеди и финансиска поддршка за реализацијата на две приоритетни потреби на локалната заедница. Имено, на припадниците на територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица им беа донирани комплети заштитна опрема, целосно усогласени со стандардите за безбедност. Исто така, инвестирани се и средства за целосна реконструкција на дел од санитарните јазли во детската градинка „Бамби“ во Македонска Каменица, со што значително се подобрени условите за децата кои престојуваат во оваа установа.

„Нашите вработени се срцето на САСА. Нивната посветеност, стручност и безбедно извршување на работните задачи се клучни за успешното работење на рудникот. Овие награди, што им ги доделуваме по повод Денот на рударите, се само симболично признание за нивниот секојдневен труд. Во исто време, силно веруваме дека развојот на САСА е нераскинливо поврзан со напредокот на заедницата во која работиме, па затоа и понатаму ќе продолжиме со посветена поддршка за општината и нејзините граѓани“, изјави генералниот директор на Рудник САСА, Кристофер Колбурн, честитајќи им го Денот на рударите на сите вработени во САСА и на целата домашна рударска индустрија, како и празникот на сите жители на општината Македонска Каменица, посакувајќи им добро здравје и многу успех на сите полиња.

Инаку, традиционално, Рудник САСА и оваа година е главен покровител и партнер на сите активности што се организираат во локалната заедница, меѓу кои и на централната тридневна културно-музичка програма што се одржува на градскиот плоштад, по повод Денот на рударите и празникот на општината Македонска Каменица.