Skip to main content
Балкан

Рубио и Ѓуриќ го отворија Стратешкиот дијалог меѓу САД и Србија

17/07/2026  21:43

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ и американскиот државен секретар Марко Рубио денеска во Вашингтон ја отворија првата рунда од Стратешкиот дијалог меѓу Србија и САД, со што беше означен почетокот на ново поглавје во односите меѓу двете земји и воспоставена институционална рамка за нивно понатамошно стратешко поврзување, соопшти српското Министерство за надворешни работи.

Во рамките на првата рунда од Стратешкиот дијалог, претставници на Србија и САД потпишаа Меморандум за разбирање за соработка во областа на енергетската инфраструктура и регионалната енергетска безбедност, како и Меморандум за разбирање за академската програма за размена „Фулбрајт“. Србија, исто така, синоќа пристапи кон вселенската програма „Артемис“.

Во своето воведно обраќање, Ѓуриќ изјави дека воспоставувањето на Стратешкиот дијалог претставува историска пресвртница во српско-американските односи и чекор со кој билатералните врски, по 145 години дипломатски односи, „се враќаат на нивото што го заслужуваат две држави кои биле сојузници во двете светски војни“.

– Историјата нè поврза, а иднината нè повикува таа соработка да ја направиме уште посилна. Денеска не отвораме само нов формат на политички дијалог – отвораме ново поглавје во односите меѓу Србија и САД – изјави Ѓуриќ.

Тој упати посебна благодарност до Рубио и раководството на Стејт департментот за, како што рече, „визијата и политичката волја да ја препознаат Србија не само како стратешки партнер, туку и како сигурен сојузник“.

Ѓуриќ нагласи дека посебна тежина има фактот што првата рунда од Стратешкиот дијалог започнува токму за време на администрацијата на претседателот Доналд Трамп, „во момент кога Србија и САД делат слични гледишта за бројни клучни меѓународни прашања, како што се значењето на државниот суверенитет, економскиот развој и енергетската безбедност“.

– Стратешкиот дијалог ќе обезбеди редовна, континуирана и структурирана комуникација на највисоко ниво, како и платформа за продлабочување на соработката во областите на надворешната политика, безбедноста, енергетиката, трговијата, инвестициите, науката, образованието, иновациите и високите технологии – додаде шефот на српската дипломатија.

Тој истакна дека веќе првата рунда донела конкретни резултати, меѓу кои се потпишувањето на двата меморандума и пристапувањето на Србија кон програмата „Артемис“, со што земјата стана дел од глобалната иницијатива за мирољубиво истражување на вселената и развој на најсовремени технологии.

– Најуспешните партнерства не се градат со една средба, туку со доверба, доследност и способност заеднички да се постигнуваат конкретни резултати. Стратешкиот дијалог е историски чекор кон зацврстување на стратешкото партнерство и претставува столб на современите односи меѓу Србија и САД – рече Ѓуриќ.

САД водат стратешки дијалог со десетици држави со цел продлабочување на соработката во различни области – од економијата и безбедноста до надворешната политика.

Од американскиот Стејт департмент вчера за Радио Слободна Европа изјавија дека стратешкиот дијалог со Србија „одразува нова ера во односите меѓу двете земји“ и претставува „знак на посветеноста на двете држави за проширување и продлабочување на партнерството“.

– Преку дијалогот, САД и Србија ќе работат на заеднички цели, вклучително и регионален мир и стабилност, проширени деловни и образовни врски и градење попросперитетна иднина – се наведува во одговорот на Стејт департментот.

Во пресрет на денешното отворање на Стратешкиот дијалог, Ѓуриќ изјави дека меморандумот за енергетска инфраструктура и регионална енергетска безбедност ќе отвори значајни нови перспективи за енергетската сигурност на Србија, бидејќи предвидува изградба на нови гасни интерконектори.

Тој додаде дека меморандумот за програмата „Фулбрајт“ ќе создаде нови можности за студентите и младите од Србија и ќе овозможи двете земји заеднички да ја поддржат академската заедница и нејзиниот развој.

Србија синоќа официјално пристапи кон вселенската програма „Артемис“ на американската агенција НАСА. Ѓуриќ го потпиша договорот во седиштето на НАСА во Вашингтон, оценувајќи дека станува збор за „историски ден за српската наука“.

– Договорот со НАСА што го потпишавме синоќа отвора нова епоха во научната соработка меѓу Србија и САД и создава нови можности за српските компании да учествуваат во сложени, предизвикувачки и технолошки напредни процеси поврзани со развојот на вселенската програма. Тој создава можност и за нашите научници да разменуваат искуства со САД, не само индивидуално, туку и преку научните институти – изјави Ѓуриќ.