Skip to main content
Македонија

Родителите од Кочани повторно прашаа: Каде беа институциите пред трагедијата во „Пулс“?

18/07/2026  22:07

Родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“, заедно со граѓани на Кочани, денеска го одржаа 47. протестен „Марш за ангелите“, испраќајќи силни пораки дека борбата за правда нема да запре сè додека не се утврди одговорноста за трагедијата во која животот го загубија 63 лица, а 218 беа повредени.

Маршот започна од Паркот на револуцијата, а учесниците поминаа покрај Општина Кочани, Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи, Полициската станица и Основниот суд во Кочани, поставувајќи прашања до сите институции за нивната улога и евентуалните пропусти што довеле до една од најголемите трагедии во поновата историја на земјата.

Пред судот, Александар Наунов порача дека случајот не смее да се третира како обичен судски предмет, туку како трагедија која остави неизбришливи последици врз целиот град.

„Ова не е обичен судски предмет. Ова се 63 насилно згаснати животи, 218 повредени и болката на цел еден град“, истакна Наунов.

Тој упати низа прашања до институциите, прашувајќи како е можно со години да нема контроли, зошто јавноста сè уште чека одговори и дали надлежните ги исполниле своите законски обврски за заштита на граѓаните.

„Го прашуваме Државниот инспекторат за труд како е можно 13 години да нема ниту една контрола. Го прашуваме МВР дали нивната законска должност беше да ги штитат животите на граѓаните или само да бидат неми сведоци на трагедијата. Го прашуваме Државниот пазарен инспекторат дали фиктивните записници вредеа повеќе од нашите деца“, порача Наунов.

Тој ги повика на одговорност и обвинетите, прашувајќи дали незаконски стекнатиот профит вредел повеќе од човечките животи.

Наунов нагласи дека процесот што се води пред судот претставува испит за правдата и довербата на граѓаните во институциите.

„Денес сме пред Судот затоа што овде треба да се донесе најважната одлука – дали сите тие докази ќе добијат своја правна тежина и ќе резултираат со одговорност“, рече тој.

Во своето обраќање, тој истакна дека родителите не бараат пресуди донесени под притисок, туку одлуки засновани исклучиво врз фактите, доказите, законот и совеста на судиите.

„Вашата одлука нема да ги врати нашите деца. Но може да покаже дека во оваа држава никој не е над законот и дека човечкиот живот е највисока вредност“, порача Наунов.

Тој додаде дека правдата не ја бараат од одмазда, туку од почит кон животите на нивните деца и како обврска кон идните генерации.

„Зад вас стојат граѓаните. Пред вас стојат доказите. А над сите нас стои вистината. Никој не е поголем од човечкиот живот. Бараме вистинска правда. За никогаш да не се повтори“, порача Александар Наунов на 47. „Марш за ангелите“ во Кочани.