
Семејствата на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ денеска маршираа низ Штип. Од градскиот плоштад „Слобода“ во Штип порачаа дека денес во Штип чекорат семејствата и најблиските на нивните деца и најмили – оние што останаа со најтешката болка, но и со најголемата обврска да се борат за вистината и правдата.
-Во рацете ги носиме нивните фотографии, затоа што сакаме сите да ги видат лицата, насмевките и животите за кои повеќе од една година бараме одговори. Ова не е само марш на тага и барање -Правда. Ова е марш на љубов, достоинство и непокорна истрајност. Чекориме затоа што не прифаќаме молк. Чекориме затоа што нашите деца заслужуваат вистинска правда. Чекориме затоа што вистината мора да излезе на виделина и одговорност мора да има, ќе продолжиме да чекориме сè додека правдата не стигне, сè додека вистината не биде кажана и сè додека нашите ангели не го добијат мирот што го заслужуваат- рече Наталија Таневска мајка на починатиот Дамјан Таневски од Штип.
Поворката се движеше низ улиците во централното градско подрачје, родителите, семејствата, пријатели, другари на загинатите во кочански „Пулс“ поминаа пред зградата на Основниот, Апелациониот суд и Јавното обвинителство во Штип, а пред зградата на Секторот за внатрешни работи-Штип, се обрати Александар Наунов татко на загинатата Надица Наунов. Во говорот порача дека семејства бараат одговорност за секое непостапување, за секое одолговлекување и за секој молк што, како што вели придонесе ова да заврши со човечки жртви.
– Денес стоиме пред МВР Штип за да го поставиме прашањето за кое сите долго време чекаме одговор: Кој кого штитеше и зошто не се постапуваше навреме?, праша тој.
Според обвинителниот акт, Планот за акциска контрола за „Пулс“ не бил потпишан и одобрен навремено, а не биле преземени мерки што можеле да спречат трагедија. Денес јавно прашуваме: Зошто се одолговлекувало? Кој дозволил да се чека? Кој премолчел? Кој не постапил? Требаше ли ова да заврши со 63 човечки жртви и стотици повредени за институциите конечно да се разбудат? Требаше ли да изгубиме 63 деца, браќа, сестри, сопрузи, родители и пријатели за некој да сфати дека пропустите убиваат? Многу работи допрва ќе излезат на виделина, но за жал- предоцна-рече Наунов.
Семејствата на загинатите млади луѓе пред зградата на регионалната подружница во Штип прашаа до каде постапката за инспекторите на УЈП и кој ќе одговара и кога. Од Здружението на граѓани 16 март 2025 година најавија дека Маршеви на ангелите ќе имаат во Кочани, но и во останатите градови, каде што има загинати во „Пулс“.

