Skip to main content
Македонија

Родителите на децата загинати во пожарот во Кочани: Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца

19/04/2025  16:27

Обвинители, дали нашиот молк, тишината и тагата по нашите деца, кои се убиени, ви даде право да ослободите лица кои беа во притвор, а се соучесници во убиството на нашите деца, прашаа родителите на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ пред почетокот на денешниот трет протестен марш „Задоцнета реакција“ што се одржа во Кочани.

Точно во 12 часот и 5 минути учесниците на маршот тргнаа од Паркот на Револуцијата кон Трговскиот центар и кон општинската зграда, а оттаму кон полициската станица, Судот и Обвинителството во Кочани.

Нѐ прашува ли некој нас како ги минуваме деновите, какво е чувството да знаеш дека детето никогаш повеќе нема да се врати дома, да ги видиш неговите убави очи, неговата убава насмевка, да го слушнеш како се смее, да дочекаш уште еден Велигден со него. Живееме за да одиме на гробишта, да си помуабетиме со нашите деца, да им раскажеме колку тие недостигаат дома, вели Јулија Златкова, чиј син настрада во пожарот.

Вели дека протестите ќе продолжат се додека не биде задоволена правдата.

– Ќе продолжиме да излегуваме и да ги потсетуваме челниците на оваа скапана држава дека сме тука и до наш последен здив ќе ја бараме правдата за сите починати и повредените на 16. март, бидејќи ги закопавме нашите деца поради нечии грешки, поради тоа што некој бил корумпиран, поради тоа што ја злоупотребил својата функција за пари, за корист за личен бенефит. Нашите деца ги нема, но правдата мора да излезе на виделина, рече Златкова.

Пред општинската зграда родителите порачаа дека будно ќе ја следат работата на надлежните инспекциски служби, а в.д. градоначалникот Венко Крстевски им даде целосна поддршка истакнувајќи дека нема да бидат осамени во барањето правда, затоа што, како што рече, сите заеднички треба да го променат системот што е нефункционален.

На собирот пред Полициската станица семејствата на настраданите прашаа зошто полициските службеници кои последни беа вклучени во истрагата на Обвинителството се пуштени дома.

Тагата и револтот, родителите на загинатите во трагичниот пожар ги искажаа и пред Судот и Обвинителството, секој одделно споменувајќи го името на своето дете и плановите што ги имале за во иднина.

Протестниот марш заврши во Паркот на револуцијата, а присутните најавија дека ќе се одржува секоја сабота сѐ додека не ја добијат бараната правда за своите најблиски.