Skip to main content
Спорт

РК Алкалоид: Огромна благодарност до публиката 

25/05/2025  23:10

Пред полни трибини во СЦ „Борис Трајковски“, каде публиката во голем број дојде да го поддржи својот тим, финалниот реванш натпревар меѓу РК Алкалоид и РК АЕК од Атина не се одигра, откако грчкиот тим одлучи да не излезе на терен. Оваа одлука ги разочара и навивачите и ракометарите, кои беа целосно подготвени за најважниот натпревар од европската сезона.

Од раководството на РК Алкалоид изразија огромна благодарност до публиката за несебичната поддршка и го истакнаа разочарувањето што натпреварот не се одржа, не по нивна вина. Клубот соопшти дека е во постојана комуникација со Европската ракометна федерација (ЕХФ), од која се очекува да донесе одлука за натамошниот исход од финалето.

„Беше вистинско задоволство да се види полна сала и енергија која ја чувствувавме од првиот момент. Сите бевме подготвени за натпревар, но за жал, противничкиот тим не се појави и не го одигра реваншот. Продолжуваме да ги следиме инструкциите на ЕХФ и наскоро ќе ја информираме јавноста за следните чекори“, велат од клубот.

Од РК Алкалоид додаваат дека остануваат посветени на фер-плејот, спортските вредности и чесна борба, и најавуваат дека ќе ги преземат сите потребни мерки за да ги заштитат своите интереси.

Иако натпреварот не се одигра, атмосферата во салата беше доказ за големата поддршка што Алкалоид ја има од своите навивачи. „Ова не беше само финале, ова беше доказ дека сме заедно – клуб, играчи и публика“, порачуваат од тимот.

Останува да се види каква одлука ќе донесе ЕХФ поради неиграњето на реваншот од страна на АЕК, а македонскиот клуб веќе ја има поддршката од домашната јавност.