
Фонтаната Треви, едно од најпознатите обележја на Рим, секојдневно привлекува илјадници туристи кои фрлаат парички според познатата традиција за исполнување желби. Според проценките, од фонтаната годишно се собираат над 900 илјади евра, кои се донираат во хуманитарни цели.
Но, огромниот број посетители создава сериозни проблеми. Само во првата половина од 2025 година, оваа локација ја посетиле над 5,3 милиони луѓе, поради што се појавија поплаки за гужви, долги редици и џепчии. Италијанските медиуми објавија дека од јануари туристите би можеле да плаќаат влезница од две евра, но Градскиот совет на Рим засега ја демантираше информацијата, наведувајќи дека сè уште само се разгледува можноста за воведување билет.
Во меѓувреме, градските власти веќе воведоа мерки за контрола на толпите, меѓу кои и ограничување на бројот на посетители на максимум 400 во исто време, како и посебни влезови за локалното население и туристите. И покрај тоа, притисокот од масовниот туризам и понатаму останува предизвик за градот.

