
„Реплек“ одбележува 10 години од почетокот на сопственото производство и развој на производи на база на медицински канабис, сегмент во кој компанијата влезе во 2016 година, кога овој пазар во Македонија беше во почетна фаза и проследен со значителна јавна скепса.
Од компанијата соопштија дека во пресрет на јубилејот е реализиран и првиот извоз на производи на база на медицински канабис на пазарите на Европската Унија. Пласманот во ЕУ, како што наведуваат од „Реплек“, го сметаат за потврда на квалитетот на портфолиото што го развивале во изминатата деценија.
Генералниот директор на „Реплек“, Душан Пецовски, изјави дека компанијата пред 10 години влегла во овој фармацевтски сегмент во услови кога домашниот пазар реагирал со скептицизам.
„Бевме пионери во ова поле, и на македонскиот, исто како и на регионалниот пазар. Решивме да бидеме истрајни и напорно да работиме во реализацијата на оваа идеја, а од сегашна перспектива можеме да кажеме дека нашата одлука беше исправна, што се докажа и со успешно реализираниот извоз на пазарот на Европската Унија“, изјави Пецовски.
Тој оцени дека постои сериозен потенцијал за пласман на производи од овој тип, имајќи го предвид растот на глобалниот пазар на производи од канабис и можноста тој сегмент да има значење и за националната економија.
Од „Реплек“ наведуваат дека производството го темелат на фармацевтски стандарди, контролирани процеси и долгогодишно искуство во фармацевтската индустрија. Компанијата посочува дека производите добиени од растителна суровина бараат посебна стабилност, повторлив квалитет и строга контрола во секоја производна серија.
Производствениот процес, според соопштението, се базира на суперкритична CO₂ екстракција и технологија што овозможува селективност, репродуктивност и стабилност на екстрактите. Во производството се користи индустриска опрема од европски производители, а компанијата наведува дека континуирано инвестира во современи технологии и во стручноста на професионалниот тим.
Портфолиото на „Реплек“ во овој сегмент опфаќа три групи производи: ЦБД масла, козметика со медицински канабис и производи со ЦБД и ТХЦ што се користат како дополнителна терапија кај сериозни заболувања, во рамки на важечките регулаторни прописи.
Во ноември минатата година компанијата го отвори и КА-информативниот центар, наменет за информирање за производите на база на медицински канабис. Центарот е основан како подружница на „Реплек“ и, според компанијата, има цел да обезбеди точни, проверени и стручно засновани информации за потрошувачите, стручната јавност и останатите засегнати страни.
Од „Реплек“ посочуваат дека информативниот центар треба да помогне во надминување на стереотипите поврзани со медицинскиот канабис и да обезбеди поодговорна комуникација за прашањата поврзани со употребата на овие производи.



