Skip to main content
Балкан

Реките во БиХ се на работ на пресушување поради високите температури

27/08/2026  12:32

Долготрајната суша и екстремно високите температури ги доведоа реките во Босна и Херцеговина до критично низок водостој, одделни речни корита речиси пресушија, а експертите предупредуваат дека проблемот не е само моменталниот недостиг на вода, туку и долгорочните последици врз екосистемот и подземните резерви.

Повеќето реки во БиХ во моментов се на минимум, а посебно загрижува состојбата со реката Босна, за која жителите на Зеница велат дека никогаш не била поплитка, пишува БХРТ.

Долготрајниот недостиг на врнежи остава последици и врз изворите на вода и резервоарите, а хидрологот Муриз Спахиќ предупредува дека подземните резерви на вода се трошат, но и дека за нивна обнова е потребно време.

– Овие резерви на вода што се формираат во подземјето исто така се потрошни, тие се искористливи и исчезнуваат, се трошат како и сите други ресурси, но овие ресурси мора да се обновуваат – изјави Спахиќ.

Посебен проблем претставува фактот што нискиот водостој ги загрозува речните екосистеми. На одделни места речниот тек е веќе прекинат, што може да има последици врз целиот синџир на исхрана.

Екологот Измир Смајиќ вели дека кај некои реки е прекинат речниот тек и дека доколку се загрози еден градежен елемент од екосистемот, целиот екосистем може да се соочи со проблем, како и целиот синџир на исхрана.

Најавените врнежи би можеле привремено да ја подобрат состојбата, но експертите предупредуваат дека краткотрајните дождови не се доволни за надоместување на долготрајниот дефицит на вода.