Skip to main content
Балкан

Разбиена сириска мрежа: Парите од дрога ги претворале во злато кое го носеле во Косово и во Македонија

24/09/2025  21:03

Италијанските обвинители соопштија дека разбиле мрежа предводена од Сиријци, осомничени за перење пари од трговија со дрога во Италија и Франција, претворајќи ги парите во златни прачки. Златото потоа било транспортирано во различни земји, вклучително и во Косово и во Северна Македонија, објавија албанските медиуми повикувајќи се на РЕЛ.

Италијанската полиција уапси пет лица во северните региони Пиемонт и Ломбардија и запленила 17 милиони евра.

Истрагата ја спровел заеднички тим, вклучувајќи ја и даночната полиција на Италија и француската жандармерија во Марсеј, а напорите беа координирани од страна на италијанската национална дирекција против мафијата и обвинителството во Марсеј, заедно со Европравда и Европол, наведуваат медиумите.

Според обвинителите во текот на повеќе од шест месеци, осомничените „заработиле” повеќе од 17 милиони евра од дрога, главно во Франција, и ги транспортирале парите во возила до област во близина на Пиемонт во Италија, која граничи со Франција.

„Таму, во соработка со три топилници за скапоцени метали во Пиемонт и Ломбардија, парите биле претворени во златни прачки со иста парична вредност. Златото потоа било транспортирано во Косово, Северна Македонија, Турција и Мароко, се наведува во соопштението.

Се посочува дека ова е првпат истражителите да успеат да го реконструираат протокот на пари од дрога, генерирани во странство, кои потоа биле претворени во злато – имот што полесно се транспортира.

Обвинителите велат дека идентификувале широка мрежа на сириски државјани вклучени во процесот.