Skip to main content
Македонија

Растат црните статистики: Bо 2024-та загинале 142 лица, најчесто поради брзо возење

19/04/2025  17:13

Неприлагодена брзина е главната причина за сообраќајните несреќи во земјава, а исходот од нив најчесто е со фатални последици. Според податоците на МВР контролите што ги направиле во викендот на 5 и 6 април годинава по патиштата низ земјава само за тие два дена се регистрирани 543 прекршоци за пребрзо возење. Евидентирани се и голем број возачи кои користеле мобилен телефон додека возеле на патиштата, а не е мал бројот и на оние во алкохолизирана состојба што е голема опасност во сообраќајот. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека бројот на жртвите на патиштата е загрижувачки.

-Бројот на сообраќајни жртви во првото тромесечје е од прилика сличен како бројот на жртви кои што ги имавме лани, со тоа што морам да кажам дека овие бројки се катастрофални, компарирано со европските стандарди кои што ги имаме анализирано и во иднина максимално мораме да се фокусираме на колку што е можно смирување на сообраќајот, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Според анализите на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата бројот на загинатите од година во година расте. Така, во 2021 бројот на загинати е 116, во 2022 бројката се зголеми на 124, во 2023 на 127, додека во 2024 загинале 142 лица. Според состојбите во регионот минатата година бројката на загинати е нешто поголема споредбено со бројот на жители. Во Србија лани загинало 501 лице, во Грција пак бројот се зголемил и е 654 загинати, а во Бугарија 479 лица. Министерот Тошковски со апел до возачите.

2021 година: Загинати 116
2022 година: Загинати 124
2023 година: Загинати 127
2024 година: Загинати 142

-Сакав да упатам еден апел до сите оние кои што се учесници во сообраќајот особено до оние кои што управуваат со моторни возила да ги почитуваат сообраќајните правила, особено да ги почитуваат сообраќајните правила кои што се однесуваат на почитување на максимално дозволена брзина заради тоа што во случаи кога, и експертите тврдат, дека во случај кога имаме управување на моторно возило над 70 километри на час и имаме челни удари како што беше оној кој што се случи вчера процентот на преживеани патници е скоро нула, изјави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Мерките за поголема безбедност и намалување на жртвите на патиштата се планира да се постигне со активирање на Сејф сити проектот кој најпрво треба да почне да функционира во Скопје, Куманово и Тетово, а потоа и на целата територија на државата.