
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, утре ќе престојува во работна посета на Загреб, во рамки на која е предвидена средба со неговиот хрватски хомолог.
На средбата, двајцата министри ќе разговараат за актуелните политички состојби во двете држави, билатералните односи и секторската соработка, како и за иницијативите за нивно натамошно унапредување во сите сфери од заемен интерес. Посебен акцент ќе биде ставен на претстојното потпишување на Договорот за стратешко партнерство меѓу двете земји, како и на економската соработка и начините за нејзино продлабочување, како и проширувањето на соработката во областа на енергетиката, здравството, културата и туризмот.
Во фокусот на разговорите ќе биде и прашањето за напредокот на процесот на интеграција на нашата земја во Европската Унија и перспективите за негово динамизирање, како и подготвеноста за користење на хрватското искуство на патот кон полноправното членство во Европската Унија.
Министрите ќе разменат мислења и за сојузничката соработка во рамки на НАТО, како и за релевантните глобални теми, регионалните случувања и нивните импликации врз севкупните состојби во регионот на Западен Балкан.
Во рамки на работната посета на Загреб, министерот Муцунски ќе учествува на IDU Forum организиран од страна на Интернационалната демократска унија (International Democracy Union – IDU), каде ќе говори на тема „Заборавената граница: Западен Балкан и незавршеното ветување на Европа”.


