
Рускиот претседател Владимир Путин денеска прогласи велигденско примирје. Според најавите, тоа започнува денеска во 18 часот по руско време и ќе трае до полноќ, од недела кон понеделник (20. кон 21. април).
„Примирјето ќе покаже дали режимот во Киев е подготвен и способен мирно да ја реши кризата“, рекол рускиот претседател, јавува „РИА Новости“.
Како што додал, Русија ги прекинува борбените операции и очекува Киев да го стори истото.
„Руската страна претпоставува дека Украина ќе го следи нејзиниот пример и ќе ги прекине непријателствата“, рекол тој на средбата со началникот на Генералштабот на руските вооружени сили, Валериј Герасимов.
Путин појаснил дека руската војска мора да биде подготвена да дејствува во случај на потенцијално прекршување на примирјето и провокации од страна на противникот.
„Ситуацијата на контактната линија е поволна, руската армија напредува“, додал рускиот лидер.
Зборувајќи за неодамна истечениот мораториум на нападите врз објектите на енергетската инфраструктура, рускиот лидер изјавил дека Украина повеќе од 100 пати го прекршила мораториумот.
Како што пренесуваат руските медиуми, Герасимов го информирал Путин дека шест групи на руската армија во критичната зона се во офанзива во 11 правци. Според него, главниот дел од областа Курск, окупирана од украинските сили, сега е ослободен.
„Русија отсекогаш била подготвена за преговори и ја поздравува желбата на САД, Кина и другите земји да постигнат договор за Украина“, навел Путин.