Skip to main content
Скопје

Пуштени во употреба спортските игралишта во училиштето Гоце Делчев во општина Илинден

09/06/2025  13:48

Со одржување на спортски натпревари во фудбал и кошарка беа пуштени во употреба спортските игралишта за фудбал, ракомет и кошарка во ООУ Гоце Делчев, во Илинден, кои во изминатиот период беа целосно реконструирани, извести општина Илинден.

Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски присуствуваше на свеченото пуштање во употреба на игралиштата и истакна дека учениците од ова училиште добија комплетно реконструиран и убаво уреден спортски простор, наменет за квалитетно и безбедно одржување на часовите по физичко и здравствено образование.

Во рамки на реконструкцијата поставена е заштитна ограда и метални столбови за осветлување. На игралиштето за мал фудбал, ракомет и одбојка поставени се нови голови, вештачка трева, а на игралиштето за кошарка нови табли и обрачи за кош, додека подот е поплочен со гумирана подлога. Исто така во рамки на спортските терени поставени се клупи, корпи за отпадоци, просторот е партерно уреден, со што овие спортски игралишта добија комплетно нов лик.

Средствата за реализација на овој проект се целосно обезбедени од Буџетот на општина Илинден, а во наредниот период ќе се продолжи со изградба на нови и реконструкција на постоечките спортски терени и во останатите населени места, со цел да се добие уреден простор, но и безбеден за рекреација и забава на жителите во Општината“, се додава во соопштението.