Skip to main content
Балкан

Наставник и три деца убиени, 20 повредени во денешиот напад во училиште во Турција

15/04/2026  14:33

Вчерашниот шок од вооружениот напад во училиште во округот Сиверек, во Шанлиурфа, се уште не стивнал, а денеска слична вест пристигна и од Кахраманмараш. Според првичните информации, вооружен напад бил извршен во средното училиште „Ајсер Чалик“, при што има голем број повредени.

Гувернерот Мукеррем Унлуер изјави дека станува збор за вооружен напад со засега непозната причина. „Настанот е многу свеж. Во едно наше училиште се случи тажен инцидент. Имаме информации за повредени лица. Работиме на темелно истражување“, рече тој.

По нападот, кон Кахраманмараш се упатија министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи, министерот за образование Јусуф Текин и министерот за здравство Кемал Мемишоглу.

Веднаш по објавувањето на веста, родителите се упатија кон училиштето за да добијат информации за своите деца, додека безбедносните сили презедоа засилени мерки околу објектот.

Министерот за правда Акин Ѓурлек соопшти дека е отворена обемна истрага во која се ангажирани седум обвинители, како и дека е донесена одлука за забрана за објавување информации со цел да не се загрози истрагата.

Според официјалните информации, во нападот загинале еден наставник и три ученици, додека 20 лица се повредени. Од нив, четворица се во тешка состојба и се оперираат. Гувернерот Мукеррем Унлуер изјави дека напаѓачот влегол во две одделенија со ученици од петто одделение и отворил оган.

Тој истакна дека нападот е изолиран случај и дека нема други слични инциденти во други училишта, демантирајќи ги шпекулациите што се шират на социјалните мрежи.

Гувернерот додаде дека напаѓачот, ученик од осмо одделение во истото училиште, исто така е починат, најверојатно откако си го одзел животот за време на хаосот. Се претпоставува дека го зел оружјето од својот татко, поранешен полицаец.

Јавното обвинителство во Кахраманмараш информираше дека истрагата се спроведува со засилени ресурси и дека случајот се разгледува од сите аспекти. Во меѓувреме, Министерството за внатрешни работи соопшти дека се ангажирани осум инспектори за целосно расветлување на настанот.

Надлежните апелираа медиумите да ја почитуваат забраната за известување додека трае истрагата, додавајќи дека сите официјални информации ќе бидат соопштувани од институциите.