Skip to main content
Свет

Пукање во џамија во Сан Диего: Петмина мртви, осомничените извршиле самоубиство

19/05/2026  08:33

Најмалку пет лица, вклучувајќи и еден обезбедувач, беа убиени во пукотница во џамијата Исламски центар во Сан Диего, Калифорнија, соопштија американските власти. Двајца тинејџери, на возраст од 17 и 19 години, осомничени дека го извршиле нападот, извршија самоубиство неколку блока од местото на злосторството, кое властите го третираат како злосторство од омраза.

Шефот на полицијата во Сан Диего, Скот Вол, изјави дека немало конкретна закана упатена до Исламскиот центар во Сан Диего, но властите пронашле докази дека осомничените користеле реторика на омраза, објави АП.

Пред нападот, полицајците веќе барале еден од тинејџерите бидејќи неговата мајка се јавила во полиција загрижена дека нејзиниот син има самоубиствени намери и избегал, а од куќата исчезнале пиштол и нејзиниот автомобил, соопшти полицијата.

Потрагата стана уште поитна кога полицијата дозна дека малолетникот излегол со својот пријател облечен во камуфлажна облека.

Додека полицајците продолжуваа да ја испрашуваат мајката за можните локации на тинејџерите, пристигнаа извештаи за пукање во џамијата.

Меѓу убиените е и чувар на џамија, за кого полицијата верува дека одиграл клучна улога во спречувањето на напаѓачите да извршат многу полошо злосторство.