
Еден месец пред почетокот на сезоната, романските производители на домати ја пуштија во продажба првата продукција, при што цените достигнуваат рекордни нивоа. На еден од познатите пазари во Букурешт – на плоштадот „Домении“ во Сектор 1 – килограм домати се продава за околу 100 леи, односно приближно 20 евра, покажува проверка на БТА.
„Поевтино е да се донесат егзотични овошја од Малезија отколку да се купуваат зеленчуци од дворовите на романските земјоделци, субвенционирани од државата. Цените тројно се зголемуваат додека стасаат од стаклениците до тезгите“, наведува весникот Гандул, додавајќи дека во околината на Букурешт нема многу оранжерии за домати.
Како главни причини за високите цени, експертите ги посочуваат невообичаено студеното време оваа пролет, повисоките трошоци за греење, поскапувањето на горивата и високата инфлација.
„Оваа година има највисоки трошоци во последните години. Цената на романските екстра рани домати, кои сега се берат од оранжериите, може да се покаже меѓу највисоките во Европа, главно поради растот на цените на горивата, трудот и семињата. Трошокот за гориво е двојно поголем во споредба со последните три-четири зими“, изјави за Аџепрес претседателот на Сојузот на земјоделски производители во Олт, Јон Паунел.
Споредбата на цените во големите супермаркети покажува дека романските домати се три до четири пати поскапи од увозните. Килограм домати од Турција чини околу 17 леи (3,34 евра), додека шпанските чери домати се продаваат за околу 18 леи (3,54 евра).

