Skip to main content
Македонија

Протест пред Кривичниот суд: Отпечатоци од раце во знак на револт за Фросина

31/01/2025  16:39

Граѓаните што денеска се собраа на протест на булеварот „Партизански одреди“, на местото каде што беше прегазена младата Фросина Кулакова, маршираа до Кривичниот суд, оставајќи отпечатоци од раце намачкани со црвена боја како симбол на правда и протест против неказнивоста.

Претходно, демонстрантите го изразија својот револт и пред зградите на Јавното обвинителство и Собранието. Студентите беа во првите редови, извикувајќи „Затвор за Васил“, алудирајќи на возачот кој пред два дена ја усмрти Фросина на пешачки премин.

„Не се крие, излезете, сите ние ве плаќаме! Нека каже судијата за колку илјадници евра замина животот на Фросе,“ порачаа демонстрантите.

Иако еден од организаторите рече дека можеби Васил ќе заврши во затвор, насобраните не веруваат во тоа.

„Заедно да се договориме како ќе продолжиме, зашто ако Васил не заврши во затвор, утре ќе излезе некој друг Васил,“ рекоа тие.

Граѓаните бараат правда не само за Фросина, туку за сите жртви на сообраќајни незгоди. Тие инсистираат на зголемено полициско присуство, враќање на позорникарите и одговорност не само за обвинетиот, туку и за обвинителите и судиите кои претходно го ослободувале возачот за претходни прекршувања.