Skip to main content
Балкан

Протест под слоганот „Оставка! Пеевски и Борисов надвор од власта“ во Софија

10/12/2025  21:20

Бугарите го изразија своето незадоволство преку протест под слоганот „Оставка! Пеевски и Борисов надвор од власта“.

Граѓаните го исполнија просторот од статуата на „Света Софија“ до зградата на Народното собрание. Луѓе има на плоштадот „Независност“, плоштадот „Атанас Буров“, пред зградата на БНБ. Толпа граѓани го исполниле и булеварот „Цар Ослободител“ и до улицата „Г.С. Раковски“.

На протестот, ПП-ДБ собира и потписи за петиција со која се бара оставка од владата. На собраните на плоштадот им се даваат налепници со Кју-Ар (QR) кодови со повеќе информации за петицијата.

На зградата на Парламентот со ласери се испишуваат слогани: „Оставка“, „Мафијата надвор“, „Кој го нарача ова безобразие?“ и „За фер избори“.

Луѓето носат плакати на кои претседателот на „ДПС-Нов почеток“ Делјан Пеевски држи палка, на чиј врв е главата на министерот за внатрешни работи Даниел Митов. Други плакати го прикажуваат лицето на бугарскиот претседател Румен Радев и натписот: „Кажи за Боташ“.

На видео ѕидовите се прикажани снимки направени со вештачка интелигенција, на кои Делјан Пеевски и Бојко Борисов се прегрнуваат и велат дека се сакаат, како и снимки од Пеевски како го удира Тошко Јорданов од „Има таков народ“ во лицето, додека тој се смее.

Неколку луѓе се качија на прозорците на првиот кат од зградата на Народното собрание, јави БТА.

Видео од Делјан Пеевски беше пречекано со гласни извици. На протестот се веат бугарски и европски знамиња. Се носат и плакати на кои Делјан Пеевски и Бојко Борисов се зад решетки.