
Членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност денеска гласаа дека е прифатлив и го проследија на натамошно читање Предлог на законот за оружјето, со европско знаменце.
Образложувајќи го законското решение, државниот секретар во Министерството за внатрешни работи, Сашо Петрушевски, истакна дека новиот закон ги поминал сите филтри на експертската јавност. Потенцира дека експлицитноста и потребата од овој закон е усогласување со сите европски регулативи.
-Усогласување со потребите на Комора за приватно обезбедување, Стопанска комора на Македонија каде има групација за оружје, Ловечка и Стрелашка федерација и сите оние невладини организации кои имаат интерес од овој закон. Добивме и позитивни мислење од Брисел за Законот за оружје кој е позитивен после сите мислења и наоди од Комисијата каде што се наведени четири регулативи, од кои две се директиви од Европската комисија. Овој закон е усогласен со сите европски регулативи. Носењето на овој закон во прва рака е потребно затоа што носи експлицитност во сите оние делови каде што стариот постоечки закон за оружје имаше некои проблеми и недокажаности – рече Петрушевски.
Исто така, членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност дадоа поддршка за предлогот на координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски да се одржи јавна расправа по Предлог на законот за оружјето.
-Во согласност со член 129 став 1 од Деловникот како координатор на гратеничката група поднесувам барање за организирање на јавна расправа по Предлог на законот за оружјето. Сметам дека ова јавна расправа е од исклучителна важност за да се обезбеди транспарентност и вклученост на сите засегнати страни, како и да се слушнат мислења, предлози, забелешки од стручната јавност. Предлагаме на јавната расправа да се поканат претставници од засегнатите институции, граѓански организации, експерти, заинтересирани граѓани – се вели во барањето на Спасовски.

