
Промоција на книгата „Превентивна стоматологија” на 16 октомври во Стоматолошки факултет

Стручната книга „Превентивна стоматологија”, во издание на „Арс Ламина”, ќе биде промовирана на 16 октомври (петок), со почеток во 10:30 часот, во амфитеатарот на Стоматолошки факултет во Скопје.
Кон делото ќе се осврнат промоторите: проф. д-р Дејан Марковиќ, кој специјално за овој настан доаѓа од Белград, проф. д-р Мира Јанкуловска и уредничката Бранка Бугариска. На настанот ќе се обратат и дел од авторите: Елизабета Ѓоргиевска (уредник), Марија Стевановиќ, Мира Јанкуловска, Ана Сотировска-Ивковска, Златко Георгиев, Александар Димков, Мери Павлевска, Ефка Жабокова-Билбилова, Весна Амбаркова, Олга Кокочева-Ивановска, Христо Петановски и Јасна Симоноска.
„Превентивна стоматологија” е современ и сеопфатен учебник, создаден врз основа на долгогодишно научно и клиничко искуство и врз современите достигнувања во областа на превентивната стоматологија. Во фокусот е превенцијата како основа за зачувување и за унапредување на оралното здравје.
Книгата е структурирана во 19 поглавја и во три апендикси, во кои се обработени клучните концепти на примарната, на секундарната и на терцијарната превенција, на епидемиологијата и на факторите на ризик за најчестите орални заболувања, како и современите методи за нивна контрола и спречување.
Посебно внимание им е посветено на оралната хигиена, флуоридната профилакса, исхраната, контролата на плакот и превентивните клинички постапки, како и на орално-здравственото воспитување, на промоцијата на здравјето, на програмите за јавно орално здравје, на скринингот и на раната детекција на заболувањата.
Во учебникот се обработени и можностите за примена на дигиталните технологии во превентивната стоматолошка практика, како и специфичните пристапи кон разни групи пациенти.
Изданието првенствено е наменето за студентите по дентална медицина, но претставува корисен извор и за специјализанти, за стоматолози во клиничката практика и за други здравствени професионалци што сакаат да ги продлабочат своите знаења во оваа област.
Ова издание доаѓа по „Детска стоматологија” – првиот сеопфатен учеб
ник по детска стоматологија кај нас, од истиот авторски тим, објавен пред неколку години, исто така во издание на „Арс Ламина”.
Книгата „Превентивна стоматологија” е достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку www.literatura.mk.


