
Во амфитеатарот на Македонската академија на науки и уметности во Скопје денеска ќе бидат прогласени лауреатите на Струшките вечери на поезијата за 2025 година.
Како што најавија од фестивалот, по прогласување на добитниците, традиционално ќе следи поетско читање на членови на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите, кои ќе ја споделат својата поезија, во чест на ова културно и поетско значајно случување.
Манифестацијата „Струшки вечери на поезијата“ се одржува секоја година во месец август во Струга. На поетскиот фестивал се доделува најголемото признание за целокупна поетска дејност, наградата „Златен венец“ со која до сега се закитија некои од најзначајните светски поети, како и наградата „Мостови на Струга“, која се доделува за најдобра поетска збирка меѓу два фестивала на Струшките вечери на поезијата од поет-дебитант.
Наградата „Мостови на Струга“ беше востановена во 2003 година, како дел од соработката со УНЕСКО, а по повод прославата на Светскиот ден на поезијата – 21 март, со цел да се стимулира, промовира и афирмира поетското творештво како еден од најзначајните креативни изрази на човештвото.
Секоја година, Струшките вечери на поезијата и УНЕСКО заеднички го чествуваат овој ден, при што официјално се соопштуваат и промовираат добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“.