
Судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени, продолжува денеска во судницата во затворот „Идризово“ со ново рочиште на кое Јавното обвинителство ќе ја продолжи доказната постапка.
На денешното рочиште се очекува обвинителството да презентира листинзи од телефонската комуникација, кои се дел од материјалните докази во предметот. По нивното изведување, од доказите предложени од обвинителството ќе останат уште градежното вештачење и сослушувањето на вештите лица, со што доказната постапка ќе се доближи до својот крај.
На претходното рочиште беа изведени бројни материјални докази, меѓу кои записници од претреси, потврди за привремено одземени предмети од Министерството за внатрешни работи, известувања и дописи од СВР Штип, документација од Државниот пазарен инспекторат, како и налози и записници од извршени инспекциски надзори поврзани со правните субјекти „Класик ДМ“ и „ММММ Кафе“.
Јавната обвинителка Наташа Сарамандова претходно истакна дека станува збор за исклучително сложен кривично-правен предмет со обемен доказен материјал. Според неа, најголемиот дел од доказите се однесуваат на околностите што довеле до трагичниот пожар, во кој загинаа 63 лица, а тешко беа повредени повеќе од 200 луѓе, меѓу кои имало и голем број млади лица и деца.
Таа нагласи дека, поради законските ограничувања во оваа фаза од постапката, обвинителството не може детално да одговори на забелешките и приговорите на одбраната, но посочи дека тоа ќе биде сторено во завршните зборови.
По завршувањето на доказната постапка на обвинителството, своите материјални докази, сведоци и две вештачења ќе предложи и одбраната.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на музичката група ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на Македонија, со 63 загинати и повеќе од 200 повредени.
