Во најновото издание на поткастот “Зрак” со доктор Марина, се зборува за женското здравје, односно она што месецов е актуелно а тоа е карциномот на матка и гинеколошките тумори.
Во студиото овој пат гости беа специјалист доктор Даниел Милковски, од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, специјалист доктор Јасмина Џундева, од Универзитетската клинка за радиотерапија и онкологика како и пациентката Елида, која пред гледачите ја раскажа својата животна приказна во борбата со цервикален карциномот на утерусот (матката).
Елида вели таа сега е пациент чија болест е во хронична фаза и со своето гостување таа сака да покаже дека и оваа болест може да се лекува и има висок процент на излечливост.
Таа истакна дека болеста и се појавила пред речиси четири години во 2021 година, а симптомите поради кои се посомневала биле необично крварење измеѓу циклусите, како и исцедок со чуден мирис. Она што таа го гледа како сопствена грешка во животот е недоволната грижа за своето здравје, односно фактот што цели 15 години не посетила гинеколог, со мислење дека веќе родила дете и повеќе нема потреба од тоа.
Затоа таа советува секоја жена редовно да посетува гинеколог и да ги прави редовните тестирања, како што е пап тестот барем еднаш годишно. Вели не секоја жена заболува од оваа подмолна болест но барем 20 проценти од жените да, а 97 проценти од нив заболуваат поради присуство на ХПВ вирусот или доколку се пушачи, за останатите 3 проценти вели никој не знае поради која причина заболуваат.
Елида, истакна и дека се работи за многу подмолна болест, која почнува буквално без никакви симптоми, па доколку се открие подоцна кога ќе се пројават симптомите, може да биде доцна!
“Со непосетата на гинеколог, не сме свесни со каква болест во иднина можеме да се соочиме, и до каков пресврт може да дојде преку ноќ..
Но не се случува пресврт преку ноќ, туку тие симптоми можат да се развиваат со години, па дури и цела деценија”, вели таа.
По појавата на крварење таа посетила гинеколог кој и ги направил сите испитувања при што на ПАП тестот био покажано дека има проблем, а притоа и било кажано дека треба да се направи биопсија па била препратена на друга клиника за понатамошно следење, факт кој Елида не го сфатила сериозно. По резултатите и било кажано само дека треба да го зајакне имунитетот и таа си продолжила со секојдневниот живот без воопшто да направи биопсија.
Работела по 10 до 12 часа на ден при што доаѓа до ситуација која поради болеста целосно и се укочиле двете нозе и не можела да се движи, па тогаш сфатила колку е сериозна работата и се вратила кај својот матичен гинеколог. По направената биопсија тогаш и била кажана болната вистина дека се работи за карцином.
Најпрво не знаела за кој стадиум на болеста се работи, но се плашеле дека се работи за понапреден стадиум и веднаш била препратена на Онкологија. Вели секој се плаши од тој збор, па првото нешто што го помислуваш е смрт.
“Уште од тогаш си велев, јас сум борецот, морам да се изборам, имам девојче од 15 години на коешто му требам и ќе бидам херој”, додава таа.
Во борбата вели не се споредувала со другите пациенти, не сакала да користи никакви надрилекарства и имала голема доверба во онкологот. Била подложена на зрачење во комбинација со хемотерапија, брахио терапии и повторно хемотерапии.
“Првото нешто што го прашав беше дали ќе ми падне косата по првото зрачење и хемотерапијата, затоа што мислам за секоја жена тоа е најголемиот проблем кога ќе се соочи со оваа болест. Ми беше проблем како ќе ме види девојчето така, како ќе ме видат најблиските… ќе треба стрес да им правам, а моите до последно не знаеја”, искрено вели пациентката.
Таа додава дека роднините, односно најблиските на пациентите многу полошо се соочуваат со оваа болест дури и од самиот пациент, па токму затоа таа секогаш по терапиите со насмевка се враќала дома и со позитивна енергија.
Таа е самохран родител, нејзиниот сопруг починал во сообраќајна несреќа и вели што и да се случело со неа морала позади себе детето да го остави на некој што е силен, иако длабоко верувала дека ќе се избори со таа ужасна болест. Вели какви се мислите таков ни е животот. Позитивната енергија и вербата вели се најбитни во оваа болест.
По сите терапии таа мислела дека ја победила болеста, но по добиените резултати и било кажано дека карциномот е се уште присутен, но намален, па следен чекор е операција, која ја направила набрзо. Вели по сето тоа физички опаднала со голем број на нус појави, но психата и била на високо ниво.
По хистопатолошките резилтати и било кажано дека повеќе во неа нема ниту една малигдна клетка, односно дека терапијата си го направила своето, па таа ги охрабрува и сите други пациенти да не мислат дека секогаш операцијата е единствена опција па да губат надеж доколку докторот не им предложи операција и им понуди само терапија. Додава дека секогаш треба да им веруваат на онколозите и она што тие ќе го одберат како терапија, да не се плашат од Онкологија па дури и од лежењето таму, бидејќи како што вели таму ќе ги стекнете и најдобрите пријатели соборци.
“По оваа болест не можете да останете ист човек. Вистина е дека физички ќе бидете послаби и повеќе ќе треба да внимавате на вашето здравје, но психички ќе бидете многу појаки!”, заклучува пациентката.
На сите жени кои се соочиле со оваа болес Елида им препорачува да не се плашат затоа што се има почеток и крај, најбитно е да се изборат и да останат ментално здрави и да се грижат за себе и за своето здравје.
“Борбата е долга и треба да имаат трпение и тие самите и домашните. Доколку дојде до голем стрес, може да дојде и до секундарен карцином, односно да се направи од ништо нешто… со стресот паѓа имунотетот и може да дојде до враќање на болеста. Грижете се за сопственото здравје”, заврши пациентката.
Целиот поткаст можете да го погледнете во продолжение: