
Директор на подружница на ЈП „Национални шуми“ и вработена во претпријатието биле приведени во изминатите денови во рамки на повеќе постапки поврзани со сомнежи за незаконско постапување со дрвна маса, информира заменик-директорот на претпријатието, Кире Михаилов.

Според Михаилов, станува збор за директорот на подружницата „Црн Бор“ во Прилеп и за вработена во подружницата „Бабуна“ во Велес. За велешкиот случај, полицијата претходно информираше дека на 7 октомври во селото Теово биле лишени од слобода три лица, меѓу кои и вработена во „Национални шуми“, а биле одземени дрва и други предмети поврзани со случајот.
Михаилов наведува дека во одделен случај била поднесена и кривична пријава против вработен во подружницата во Свети Николе, како и против правно лице, при што штетата, според неговите информации, се проценува на повеќе од 50.000 евра.
Паралелно со тоа, во изминатите денови се спроведуваат и акции за одземање возила и огревно дрво. Од правно лице во Скопско биле одземени околу 400 кубни метри огревно дрво, со проценета вредност од околу два милиони денари, односно над 30.000 евра. Акцијата била спроведена по претходна десетдневна истрага и во координација со обвинителството, МВР и Шумската полиција.
„Од она кое што засега го имаме како информација, се работи за добро организирана група која најверојатно подолго време работела нелегални активности околу превоз и продажба на дрва“, напиша Михаилов во една од објавите.
Тој наведува дека индициите водат кон поширока мрежа, со активности што можеби се протегале од Скопска Црна Гора и Китка до подрачја во Гостивар и Велес, а се проверува и евентуална вмешаност на лица од институциите.
„Решавањето на овој случај ќе покаже дека нема недопирливи, нема големи и мали, туку едноставно дека Законот важи исто за сите оние кои се дрзнале да го злоупотребат, изиграат или игнорираат“, порача Михаилов.
Во друга порака тој нагласи дека нема да има поделба на „наши“ и „ваши“.
„Не знам кој и колку ме верува и разбира кога велам дека правдата важи за сите и дека нема големи и мали, наши и ваши. Едноставно е, секој кој се огрешил пред Законот ќе одговара!“, напиша Михаилов.


