Skip to main content
Хроника

Притвор за 20-годишникот кој пијан и без возачка ја прегази Фросина

31/01/2025  10:06

Судија на претходна постапка вечерва му одреди 30-дневен притвор на момчето кое синоќа, во алкохолизирана состојба и без возачка дозвола, ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“.

Обвинителството соопшти дека 20-годишникот возел автомобил марка „Пежо 207“, сопственост на неговиот татко, под дејство на алкохол (0,82 промили во урина) и со голема брзина поминал на црвено светло. Тој не ја приспособил брзината на движење и удрил во младата девојка на обележаниот пешачки премин, која починала на самото место.

Ова не е прво кривично дело на осомничениот. Минатата година, бил фатен со 80 пакувања амфетамин, по што му бил одреден притвор и обвинение за недозволена трговија со дрога. По три месеци во истражниот затвор во Шутка, Основниот кривичен суд Скопје му изрече заводска мерка – упатување во воспитно-поправен дом во Тетово, третирајќи го како помлад полнолетник.

Обвинителството вложило жалба против оваа одлука, но Апелацискиот суд пет месеци по првостепената пресуда сè уште нема донесено одлука. Оваа трагедија отвори прашања за (не)ефикасноста на судските институции и за тоа дали постојат системски пропусти што дозволуваат вакви сторители повторно да се најдат на улиците.