Skip to main content
Македонија

Притвор побара Обвинителството за косовски државјанин по несреќата со четири жртви кај Скопје

22/05/2026  22:59

Јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против косовски државјанин осомничен за „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.

Според информациите од Обвинителството, осомничениот 76-годишник управувал товарно возило „МАН“ со полуприколка со косовски регистарски таблички по северната обиколница на Скопје, во правец од запад кон исток.

Во близина на клучката Мирковци, како што наведуваат од Обвинителството, тој не ја приспособил брзината на движење на условите на патот и густината на сообраќајот, поради што изгубил контрола над возилото. Камионот свртел налево, ја пробил металната заштитна ограда и преминал на коловозната лента наменета за возила од спротивната насока.

Во тој момент, во камионот со предниот дел удрил автомобил „БМВ“ кој се движел од исток кон запад.

По силниот удар, и автомобилот и камионот се запалиле. Во несреќата на лице место животот го загубиле четворицата патници кои се наоѓале во патничкото возило.

Од Обвинителството информираат дека поради опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, до судијата на претходна постапка е доставен предлог за определување мерка притвор.