Skip to main content
Македонија

Пристигнаа првите евакуирани Македонци од Израел (фото)

17/06/2025  23:51

Вечерва на скопскиот аеродром слетаа првите македонски државјани евакуирани од Израел, поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток.

Во првата евакуациска група се наоѓаат вкупно осум лица – четири возрасни, три деца и едно бебе – кои со поддршка на Владата и преку територијата на Египет, безбедно се транспортирани во Македонија со владиниот авион.

Министерството за надворешни работи потврди дека координацијата со дипломатско-конзуларната мрежа продолжува, и дека се подготвени за дополнителни евакуации доколку ситуацијата на терен се влоши.

„Станавме една од првите земји во Европа што успешно реализираше повраток на своите граѓани од зоната на конфликт“, напиша министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски на социјалните мрежи, истакнувајќи дека институциите остануваат во состојба на висока подготвеност.

Македонската амбасада во Тел Авив засега функционира нормално и останува на безбедна локација. Не се планира евакуација на дипломатскиот персонал, освен ако безбедносната ситуација драстично се промени.

Исто така, засега нема информации за македонски државјани кои побарале евакуација од територијата на Иран, каде ситуацијата исто така се следи внимателно поради зголемените тензии.

Институциите остануваат во координација, подготвени да реагираат веднаш во интерес на безбедноста и заштитата на македонските граѓани во регионот.