
Припадниците на Логистичката база (ЛБ) денеска во касарната „Илинден“ во Скопје со воена свеченост го одбележаа 20 Мај – Денот на Логистичката база, единица која претставува носечки столб на логистичката поддршка во Армијата.
На свеченоста присуствуваа министерот за одбрана, Владо Мисајловски, заменик-министерот за одбрана, Адмир Шабани, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, генерали во Армијата, командантот на Бригадата за Југоисточна Европа – SEEBRIG, бригаден генерал Билбил Битри, претставници од Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата, претставници на воено-дипломатскиот кор, МВР, локалната самоуправа, команданти на командите и единиците, пензионирани генерали и припадници на единицата и други гости.

По повод одбележувањето на денот на единицата, пред присутните се обратија: министерот за одбрана, Владо Мисајловски, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин и командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми.

Министерот Мисајловски истакна дека единицата е „значаен дел од системот и есенцијален елемент за функционалноста на Армијата“ и дека успешноста на активностите кои припадниците на Армијата ги изведуваат се должи на Логистичката база и на припадниците кои овозможуваат ефикасна, организирана и функционална логистика. „Логистиката отсекогаш била столб на успешноста на сите воени единици. Фактот дека вие ја координирате поддршката за сојузничките сили кои транзитираат низ нашата земја и дека давате логистичка поддршка за реализација на најголемите вежби кои го одбележаа периодов, меѓу кои и вежбата „БЛЕСОК 26“ на која сме исклучително горди, го покажува вашето суштинско место во системот на одбраната“, рече Мисајловски.

Министерот укажа и на довербата која граѓаните ја имаат во Армијата, благодарение на поддршката од Логистичката база. „Вашата поддршка во справувањето со големите природни непогоди и кризни состојби, вашата поддршка во реализацијата на активностите на разни организации и здруженија, овозможува Армијата да биде со своите граѓани и да им служи како столб на кој можат да се потпрат во секакви ситуации“, подвлече тој.
Во своето обраќање, генералот Нуредин истакна дека Логистичката база претставува клучен сегмент во системот на поддршка на Армијата, нагласувајќи дека без ефикасна и навремена логистика нема успешна реализација на ниту една задача, вежба или операција.
„Посветеноста, професионалноста и способноста за брза и ефикасна поддршка претставуваат суштинска алка во одржувањето на оперативната готовност на Армијата. Токму преку вашата работа се потврдува дека логистиката не е само поддршка, туку и еден од главните предуслови за функционална, подготвена и современа Армија“, истакна генералот Нуредин.

Тој им оддаде признание на припадниците на единицата за нивниот ангажман во реализацијата на секојдневните активности, меѓународните вежби, како и за поддршката при справување со последиците од кризите и вонредните состојби.
Командантот на Логистичката база, полковник Мухарем Мухареми, во своето обраќање нагласи дека „Логистиката не е само поддршка, таа е крвоток на секоја воена организација – невидлива сила што овозможува движење, снабдување, одржување и функционалност во секој момент и во секоја ситуација, при што истакна дека „Моќта не лежи во индивидуалците, туку во тимската работа и колективните капацитети, а токму тоа е силата на Логистичката база.“
По повод Денот на единицата, во рамки на свеченоста беа доделени стимулативни мерки, признанија и награди.

Логистичката база го одбележува 20 Мај во спомен на Разловечкото востание од 1876 година, кога започнале првите организирани логистички подготовки поврзани со востанието. Со одлука на претседателот и врховен командант на Армијата, овој датум е определен за Ден на Логистичката база.
Основната мисија на Логистичката база е планирање, организирање, координирање и реализација на логистичка поддршка на командите и единиците на Армијата.


